Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска се сретна со кинеската амбасадорка Јин Лисијан со која разговараше за инфраструктурните проекти поддржани од кинеска страна, како и за проблемите настанати при изградбата на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип.
На средбата, како што информира ресорното Министерство, Сугарески изразил загриженост за предвидените рокови за реализација на овие автопати и побарал поддршка од кинеска страна за што побрзо надминување на состојбата.
– Оваа средба беше повеќе од неопходна за да ги отвориме прашањата поврзани со инфраструктураните проекти кои се поддржани од кинеската страна. Ја информирав амбасадорката за состојбата со изградба на двата автопати Кичево–Охрид и Миладиновци-Штип и за проблемите што се настанати при изградбата, посебно со роковите и дополнителните работи, истакнал министерот Сугарески.
Двајцата соговорници разговарале и за економските односи меѓу двете земји, при што министерот Сугарески изразил благодарност за поддршката што НР Кина ја овозможува за реализација на капиталните проекти во Македонија.
Министерот Сугарески изразил подготвеност за продолжување на соработката во насока на продлабочување на добрите односи меѓу двете земји, посебно во делот на поддршката на инфраструктурните проекти.