Во Струга почнува 4. Меѓународен хорски форум

Од:

Четвртиот Меѓународен хорски форум Струга ќе се одржи од денеска до 1-ви јули во Струга под раководство на нашиот истакнат диригент Сашо Татарчевски.

Гостин на овогодинешното издание на хорскиот форум, е маестро Денеш Сабо од Унгарија, маркантна фигура на унгарската и светската хорска сцена.

Според организаторот, во периодот од девет дена хоровите-учесници ќе имаат можност да се запознаат со македонската музичка традиција преку работа на музика од богатата хорска ризница со раководителот на форумот, маестро Татарчевски, а ќе добијат и мастер класови за диригирање и практична работа со хорски ансамбли, од Татарчевски и Сабо.

– По исклучително успешните три претходни изданија, форумот и годинава ја проширува понудата со нови содржини за учесниците како и уште повеќе отворени концерти за публиката. На 23-ти јуни (петок) е концертот на свеченото отварање на форумот на кој ќе настапат сите хорови. На 25-ти јуни (недела) ќе се одржи концерт со програма која ја рефлектира традицијата на земјите учеснички на форумот, најавуваат организаторите.

Инаку, идвата концерта ќе се одвиваат на специјално направената сцена во прекрасниот манастирски комплекс во Калишта, а освен странските ансамбли на овие концерти ќе настапи и женскиот младински хор при МКЦ, Скопје.

Завршниот концерт на форумот, кој традиционално се одржува во црквата Св. Софија во Охрид е закажан за 29-ти јуни, (четврток) со почеток од 19:00 часот каде ќе биде презентирана програмата која ќе се работи во текот на форумот.

Сашо Татарчевски во моментов како диригент успешно работи со три хорски ансамбли. Своето долгогодишно искуство како диригент и професор на Факултетот за музичка уметност го има надополнето со бројни учества на меѓународни фестивали, натпревари, семинари и мастеркласови поврзани со хорската и оркестарската уметност.

Освен со повеќе хорски ансамбли, работел и настапувал и со Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Битола, Битолската опера, Државниот симфониски оркестар на Русија, симфонискиот оркестар на Ермитаж, младинскиот симфониски оркестар на Санкт-Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, симфонискиот оркестар на ФМУ, “Солисти на ФМУ“, ансамблите за современа музика “Алеа“ и “КонТемпора“, симфонискиот оркестар на Битфест и.т.н.

Покрај во Македонија, настапувал во многу Европски држави освојувајќи голем број награди и признанија со своите ансамбли. Член е на жири комисии на реномирани меѓународни хорски натпревари, а од 2014 година е уметнички раководител и главен диригент на Меѓународниот хорски форум во Струга

Денеш Сабо е маркантна фигура на унгарската и светската хорска сцена. Музички се образувал во Сегед, Мишколц и Будимпешта. Основач е на легендарниот детски хор „Кантемус“ во 1974 година. Подоцна, ја проширува активноста и основа цел хорски институт, кој од 2003 година освен хорот „Кантемус“ ги влкучува и женскиот хор „Про Музика“ и мешаниот хор „Кантемус“. Сите овие ансамбли се исклучително успешни во својата дејност и се со светска репутација.

Маестро Сабо е редовно поканет како гостин предавач и диригент на голем број мастер класови, конференции и фестивали, а член е и на повеќе жирија на меѓународни хорски натпревари. Како почит кон неговата долгогодишна успешна работа, одликуван е со најважните државни одличја како „Франц Лист“ во 1985, „Бела Барток – Дита Паштори“ во 1985, „Косут“ во 2000 и наградата за културно наследство во 2004. Во 2014 година ја доби и титулата „Национален уметник на Унгарија“.

Би можело да ве интересира

Забранет настапот во Хрватска и на хор од Црна Гора, се противат ветераните

Предраг Петровиќ

„Божиќен концерт“ во Офицерскиот дом во Битола

Ана Ололовска

Хорот и оркестарот на ООУ ,,Кузман Јосифовски – Питу од Скопје на Интернационалниот фестивал во Ричоне го освои првото место

Женскиот младински хор „Менада“ го одбележи јубилејот 40 години постоење

Празничен концерт на уметници од Хрватска во Битола

Ана Ололовска

Градскиот женски младински хор „Менада“ годинава бележи 40 години постоење

А1он