Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески заедно со амбасадорот на Република Франција во Македонија Кристијан Тимоние денеска ја посети фирмата Ежис во Демир Капија, која е надзорен орган за изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица.
На средбата, како што изјави Сугарески, биле запознати дека има проблеми со сигнализацијата на автопатот, а како дополнителен проблем се јавувал и еден далекувод од МЕПСО кој треба да биде дислоциран.
– Контролниот центар треба да биде направен во Неготино со цел да профункционира сигнализацијата која е поврзана со тунелите и автопатот да биде пуштен во употреба до 1 ноември кога е крајниот рок, изјави министерот Сугарески.
Прашан колку чини изградбата на автопатот, Сугарески рече дека во наредниот период ќе ја објават точната сума за во јавноста да не се шпекулира со бројки.
На прашањето дали може да доцни пуштањето на автопатот поради скандалите за корупција кои се однесуваат на изведувачот грчки „Актор“, што ги испитува Европската унија, рече дека треба да се остави ситуацијата да се расчисти.
– И грчкото обвинителство е заинтересирано за случајот, побарана е казна од 50 милиони евра. Како Министерство и Влада, доколку се докаже дека постои вина во целата ситуација, ќе ги преиспитаме односите со таа компанија, додаде Сугарески.