Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска имаше средба со претставници на Светска банка, предводени од директорот за Македонија и Косово, Европа и централна Азија – Марко Мантованели.
На средбата, како што сопшти Министерството за финансии, беше афирмиран партнерскиот однос на Република Македонија со Светска банка, беше разгледана состојбата на тековните проекти, како и можностите за идна соработка.
Светска банка е присутна во Македонија од 1993 година преку обезбедување техничка помош и финансирање 63 проекти во вредност од над две милијарди долари. Моментно, Светска банка учествува во финансирањето на седум проекти кои се во фаза на имплементација, во износ од 331 милион долари.
Соработката на Република Македонија се одвива во повеќе области: транспортна инфраструктура, општински услуги, енергија, социјална политика, образование, иновациска дејност, информациска технологија, како и во областа на туризмот.