Американската Влада презема целосна одговорност за протекувањето на информации од истрагата на британската полиција за бомбашкиот напад во Манчестер во понеделникот, кога загинаа 22 луѓе, изјави денеска американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.
Тој во Лондон заедно со британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека САД биле погодени од веста за нападот врз луѓе кои присуствувале на концертот на американската поп пејачка Аријана Гранде.
Британската полиција вчера на кратко ја запре размената на разузнавачки информации со САД, откако приватни детали од истрагата се појавија повеќе пати во американските медиуми.
– Ја преземаме целосната одговорност за тоа и јасно жалиме за тоа што се случи. Кога станува збор за објавување на информации на неадекватен начин… сигурно дека го осудуваме тоа, посочи Тилерсон.
Тој додаде дека се надева оти протекувањето на информациите нема негативно да се одрази на блиските безбедносни врски меѓу САД и Велика Британија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера истакна дека одговорните за протекувањето на информациите треба да се изведат пред лицето на правдата и најави дека ќе побара официјална истрага за тоа.