Во Кавадарци одбележани 74 години од Тиквешкиот партизански одред

Од:

Седумдесет и четири години од формирањето на Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов” беа одбележани денеска во Кавадарци.

Беше положено цвеќе пред спомен-костурницата во Градскиот парк. Како што рече во своето обраќање историчарот Петре Камчевски, станува збор за една од најголемите и најборбените партизански единици во тој период во Македонија.

– Кавадарци бил еден од малкуте градови во Македонија кои во 1941 година имале свој партизански одред. На денешен ден пред 74 години свечено биле престроени борците од партизанскиот одред и била положена партизанска заклетва. Најголем дел од борците биле од Кавадарци и Неготино, кавадаречките села Ваташа, Шивец, Радња, но имало и борци од Велес и од Скопје. Го викале Тиквешки партизански одред, бидејќи скоро 90 проценти од борците биле токму од овој крај, нагласи Камчевски кој е директор на кавадаречкиот музеј.

Одредот, додаде, го добил името „Добри Даскалов” по предлог на Димката Ангелов Габеро, со што јасно ставил до знаење дека борците ја продолжуваат борбата на некогашните илинденци.

Штабот на одредот го сочинувале Димката Ангелов Габерот, политички комесар, Никола Минчев Јане, командант на одредот, Лазар Калаџиевски Добри, заменик-командант и Петар Пепељуговски, заменик-политички комесар. Како што истакна Камчевски, уште истиот ден одредот ја почнал првата акција во селото Ресава.

Следувале неколку успешни акции, меѓу кои една во селото Гарниково на 17 мај и другиот ден во селото Бојанчиште, каде биле убиени осум бугарски полицајци, а на селаните им била вратена претходно одземената стока.

Камчевски ги спомена и акциите кај пограничните караули Шаренка и Порта, како и тие во селата Драгожел, Шешково, Праведник, Галиште и Драдња.

– Сите овие акции предизвикувале бес и револт кај бугарскиот фашистички окупатор, кој организирал голема јунска офанзива со околу 12 илјади бугарски војници, полицајци и две контрачети. Водени биле неколку борби, од кои една кај селото Никодин во која загинал заменик-командантот на првата чета Блажо Тодоровски Чичето. На 10 јуни загинал и Габерот, информира Камчевски.

Загинале и командирот на првата чета Ило Виларов од Неготино, Пано Мударов и активистот од селото Галиште, Стојан Крстев.

– На 13 јуни 1943 година бугарите стрелале неколкумина родители на партизаните од селото Шивец, а стрелале и две постари жени, мајки на револуционери од Кавадарци, Фруса Чедомирова и Рајна Соколова. Исто така со бомби биле разурнати неколку куќи во Кавадарци, Ваташа и во други села од Тиквешијата. Меѓутоа кулминацијата на сите овие ѕверства бил на 16 јуни, со стрелањето на дванаесетте ваташки младинци од селото Ваташа, соопшти Камчевски.

Одредот во помали групи се префрлил во Егејска Македонија во реонот на Зборско, каде биле организирани неколку курсеви за ракување со оружје и неколку тактички вежби со борците. Едни помали групи од одредот заминале во Тиквешијата и вршеле помали акции, а со одлука на Главниот штаб на НОБ и партизанските одреди на Македонија, на 24 септември 1943 година од одредите „Добри Даскалов”, гевгелискиот одред „Сава Михајлов”, како и од делови од битолскиот партизански одред „Гоце Делчев”, бил формиран батаљонот „Страшо Пинџур”, втората поголема регуларна единица во Македонија. Само триесетина дена покасно, од дел од тиквешките борци бил формиран уште еден батаљон, вториот батаљон на третата оперативна зона. Овие два батаљона претставувале јадро од кое била формирана прославената Втора македонска народноослободителна ударна бригада.

Би можело да ве интересира

Се бара изградба на обиколница во Кавадарци за да се намали загадувањето на воздухот

А1он

Основен суд Кавадарци: Одбиени предлози за укинување одлуки за продажба на имот на поранешно „Фени”

Маж од Кавадарци задобил тешки повреди на работното место

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

Пожар во Кавадарци, починала 75-годишна жена

42-годишен кавадарчанец ја истепал сопругата, насилникот заработи кривична