Премиерот Емил Димитриев и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија Јин Лисјен денеска во Скопје ја означија и официјално реализацијата на донацијата во вредност од седум милиони евра за модернизација и осовременување на македонскиот образовен систем.
Донацијата која се реализира преку телекомуникацискиот гигант Хуавеј е инсталирана во 27 училишта во Скопје, а дел и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Премиерот Емил Димитриев истакна дека станува збор за капитален образовен проект кој е плод на успешната соработка и долгогодишниот партнерски однос помеѓу Владата на НР Кина и Владата на РМ.
– Проектот кој денеска го означуваме претставува чекор напред во напорите и заложбите на Владата на РМ за континуирана модернизација на условите за образование на нашите ученици особено преку примена на современа информатичка технологија каква што се применува и во најконкурентните образовни системи во светот. Таквите наши заложби се во рамките на нашата стратегија за создавање квалитетни генерации и ученици кои ќе поседуваат одлични информатичко-комуникациски вештини кои би им помогнале во обезбедување работен ангажман кој ќе генерира високи лично приходи и нивна стабилна иднина, истакна Димитриев.
Меѓу досега спроведените бројни проекти кои ги следат глобалните трендови во областа на информатиката и технологијата и нивното интегрирање во образовните процеси, тој ги издвои набавката на компјутери за ученици во земјата, воведувањето предмети поврзани со работа на компјутер и основи на програмирање во основното образование, како и редовното набавување на интерактивни табли за училиштата.
Опремата која што денеска се официјализира, додаде премиерот Димитриев, содржи модерни информатичко-комуникациски уреди klaud data centar, систем за е-учење, персонални компјутери, лап-топи, интерактивни табли, принтери, уреди за мрежно поврзување и друга опрема со која училиштата во градот Скопје добија свои мултифункционални-смарт училници.
– Опремата ќе биде од голема корист за непречена реализација на работата на наставниците во училиштата, но и за нивна професионална надградба. Имено, во просториите на Бирото за развој на образованието како дел од донацијата е инсталирана видео-конференциска опрема која ќе се користи исклучиво за одржување обуки на наставници, рече премиерот Димитриев, порачувајќи правилно да се користи опремата со цел нејзино користење од повеќе генерации и воедно заблагодарувајќи се на фирмата Хуавеј и Владата на НР Кина за помош во реформирање бројни општествени области, како и образованието.
Кинеската амбасадорка Лисјен истакна дека се надева оти проектот кој треба да биде завршен во септември годинава ќе биде од посебна корист за учениците, но и за наставниците.
– Се надевам дека имплементацијата на овој проект ќе биде солидна основа за натамошно унапредување на соработката меѓу Македонија и Кина во областа на образованието, рече Лисјен.
Со реализацијата на проектот мрежно се поврзани 27 училишта во Скопје со што ќе се оптимизира алокацијата на образовните ресурси и ќе го подобри квалитетот на наставата. Дата центарот ќе располага со база од видео снимки на предавања и ќе го дигитализира менаџментот на досиејата на студентите.