Тројца фудбалери на Баерн Минхен по поразот од Реал Мадрид (4-2) синоќа во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите отишле во соблекувалната на главниот судија Виктор Касаи (Унгарија) со намера лично да му го искажат незадоволството од начинот на делењето на правдата.
Како што објавија шпанските медиуми, Артус Видал, Роберт Левандовски и Тијаго Алкантара имале обид да се пресметаат со унгарскиот судија по што интервенирала полицијата.
Според телевизиските снимки, Реал третиот гол го постигна од недозволена офсајд позиција, а соминтелен беше и четвртиот погодок. При тоа баерн беше оштетен во 84.минута кога неправедно му беше покажан втор жолт картон на Видал по што Баварците мечот го доиграа со фудбалер помалку.
– Судиите направија шоу во моментите кога Реал се исплашија од ситуацијата на теренот. Драстично сме оштетени. Се случи вистински грабеж, изјави Видал.
Реал Мадрид со вкупни 6:3 се пласира во полуфиналето од елитното натпреварување.