Двете екипи од Мадрид, Реал и Атлетико први обезбедија пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите откако синоќа во реванш четвртфиналните дуели беа поуспешни од ривалите Баерн односно Лестер.
Европскиот првак Реал Мадрид дури по продолжение го елиминира Баерн Минхен, бидејќи во регуларните 90 минути беше 2:1 за германскиот шампион со што го изедначи вкупниот резултат (3:3). Во продолжението Реал постигна три голови за победа од 4:2 или вкупен резултат 6:3.
Головите за Реал Мадрид ги постигнаа: Кристијано Роналдо во 76.минута, 105.минута и 110.минута и Марко Асенсио во 112.минута. Стрелци за Баерн беа Роберт Левандовски во 53.минута (пенал) и авгтогол на Серхио Рамос во 78.минута. Баерн натпреварот го заврши со 10 играчи откако во 84.минута беше исклучен Артуро Видал.
Англискиот шампион Лестер не успеа да го елиминира Атлетико Мадрид по 1:1 во реваншот. Шпанскиот тим со вкупни 2:1 се пласира во полуфиналето.
Гостите поведоа со голот на Саул Нигуез во 26.минута, а изедначи Џејми Варди во 61.минута.
Вечерва се играат реванш четвртфиналните дуели: Барселона – Јувентус (0:3 прв натпревар) и Монако – Борусија Дортмунд (3:2).