Република Македонија ќе му ја исплати оштетата на Калед Ел Масри според пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Ова го изјави за МИА Костадин Богданов, в.д. директор на Бирото за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права велејќи дека пресудата е конечна и оти немаме право на жалба.
– Денеска беше објавена пресудата од Судот за случајот „Ел Масри против Македонија“. Беше утврдена повреда од страна на Судот по членот 3, член 5, член 8 и член 13 од Конвенцијата за човекови права и истовремено Македонија беше задолжена да плати 60.000 евра на име оштета на апликантот, рече Богданов.
Пресудата, како што додаде, е доста обемна. – Ние разгледавме околу 90 страни, како и аргументите коишто ги прифатил Судот. Сепак, тој параграф 161 се чини како клучен во целата пресуда, односно изјавата на сведокот- поранешен министер во тогашната Влада кога се случил настанот во 2004 година, истакна Богданов.
Тој посочи дека станува збор за министер за внатрешни работи, со иницијали Х.К. -Станува збор за министер за внатрешни работи, а тоа го пишува во пресудата и неговиот идентитет може да се воочи. Сепак, Судот ја смета неговата изјава како еден клучен доказ во целата работа за да утврди што се случило и дали има повреда или нема. Таква е пресудата за жал, нагласи Богданов.
Тој посочи дека врз основа на неговата изјава како клучен доказ е донесена пресудата.
– Цитирани се и неколку други докази кои што беа поднесени меѓутоа тие се сметаат за индиректни докази. Додека единствен доказ кој што Судот го цитира како директен е изјавата на сведокот дадена пред Судот, заверена на нотар, дури има и цел цитат од неговата изјава во самата пресуда, односно пренесена е интегрално неговата изјава во пресудата. Значи, самиот Суд посочува дека тоа е единствен директен доказ, вели Богданов.
Извршувањето ќе оди преку новоформираната Меѓуресорска комисија за извршување на пресудите од Судот во Стразбур рече Богданов, објаснувајќи ги мерките што треба да ги ревидираат сите причини поради што дојде до повреда во случајот на Ел Мастри.
– Формиравме меѓуресорска комисија за извршување на пресудите, која почна со работа и на наредна седница секако ќе биде и оваа пресуда за преземање натамошни мерки со цел да се испочитуваат правилата на Советот на Европа и Комитетот на министри, појасни Богданов.
Тој додаде дека натамошната постапка зависи од она што Судот го утврдил во пресудата. – Во наредниот период прво ќе ја проанализираме пресудата за да видиме кои општи или индивидуални мерки би требало да се преземат, освен плаќањето на оштетата, за да се изврши пресудата во целост, додаде тој.