Младиот аргентински напаѓач Пауло Дибала кој беше стрелец на два од трите голови за Јувентус во победата над Барселона (3-0) во првиот меч од четвртфиналето на Лигата на шампиони одигран синоќа во Торино, смета дека работата не е завршена и дека „Старата дама“ ја очекува тежок меч во реваншот во Барселона.
– Одигравме одличен натпревар, ги искористивме шансите кои ги имавме и задоволни патуваме во Барселона. Многу позитивна е атмосферата во клубот и одиме чекор по чекот. Сакавме ваков резултат, да победиме без примен гол, но ништо не е готово, истакна по мечот Дибала.
Тој алудираше на историскиот „кам-бек“ на Барселона во осминафиналната рунда против ПСЖ кога шпанскиот гигант по негативата од 4-0 по првиот меч во Париз успеа на „Камп Ноу“ да забележи победа со 6-1 и да се пласира меѓу осумте најдобри.
Сепак, Аргентинецот вели дека Јувентус нема да се брани во Барселона.
– Ние сме тим кој се брани и напаѓа со 11 фудбалери и така ќе биде и во реваншот, дополни Дибала.
Возвратниот меч Барселона и Јувентус ќе го играат на 19 април.