Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, на социјалните мрежи објави дека повеќе нема да се кандидира за градоначалник на општината. Како што вели тој, дојде време да се даде можност на помладите генерации на ДУИ. Од ваквата негова одлука неизвесно е дали Меџити ќе ја продолжи својата кариера во новата влада на ДУИ и СДСМ.
-По три мандати односно дванаесет години, дојде време да се создаде простор и можности за новите генерации на нашата политичка структура да го дадат својот придонес и знаење како и да ги покажат своите вештини и одговорност. За мене беше чест да се влезе во историјата како прв претседател на албанското мнозинство во општините во градот Скопје, напиша на својот Фејсбук профил Изет Меџити.
Инаку, Меџити е потпретседател во ДУИ кој беше овластен од страна на раководството на партијата заедно со Теута Арифи и Невзат Бејта за преговори за формирање влада со СДСМ. Меџити јавно изјави дека е против Никола Груевски и коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
Мандатот на градоначалниците им престанува во мај за кога и требаше да бидат закажани локалните избори, но засега останува неизвесно кога тие ќе се одржат. Во ваков случај градоначалникот назначува лице од локалната самоуправа, државен службеник на раководна функција кој ги нема истите ингеренции како градоначалникот односно ќе ги врши само техничките работи во општината.
Виктор Јованов