Прободе дете во Чаир, но нема да одговара кривично – има 13 години

Од:

Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор на 19-годишниот Б.И., осомничен за насилството што се случи во скопската населба Чаир, при кое беа повредени три лица. Од Судот информираат дека судијата на претходна постапка ја прифатил мерката предложена од Јавното обвинителство, оценувајќи дека се исполнети сите три законски основи за притвор – опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело.

Инцидентот се случил на 31 август околу 22 часот, кога дошло до физичка пресметка меѓу две групи. Во тепачката три лица биле повредени со остар предмет.

Најтешко е повредено 13-годишно момче, кое се здобило со тешка убодна рана во пределот на срцето. Тоа итно било оперирано и е хоспитализирано на одделот за интензивна нега, каде што лекарите се борат за неговиот живот. Тешки повреди добило и 19-годишно лице.

Според првичните полициски сознанија, убодните рани ги нанел токму 13-годишниот брат на осомничениот. Бидејќи станува збор за дете кое нема наполнето 14 години, тоа не подлежи на кривична одговорност согласно закон.

Поради тоа, во овој дел постапката се прекинува, а случајот е препратен до надлежниот Центар за социјална работа. Центарот треба да направи проценка на состојбата и да определи соодветни мерки за заштита и стручна помош на детето и семејството.

Надлежните појаснуваат дека овие мерки немаат карактер на кривични санкции. Воспитните и казнено-правните мерки се применуваат за деца од 14 до 18 години, додека за оние под 14 години се применуваат механизми од системот на социјална заштита.

Случајот повторно ја отвори дебатата за насилството меѓу младите и за тоа како институциите да реагираат кога во тешки инциденти се вклучени деца кои не се кривично одговорни.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека ваквите случаи бараат поширок институционален одговор.

„Станува збор за сторување на ужасно насилни кривични дела од страна на малолетници, каде што кривично-правниот општествен одговор е многу поинаков отколку кога станува збор за полнолетни лица. Овде мораме како општество подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор од сите општествени чинители“, изјави Тошковски.

Од надлежните институции се очекува засилена координација меѓу полицијата, центрите за социјална работа, училиштата, здравствените установи и родителите, со цел навремено да се препознаат ризичните однесувања и да се спречат нови случаи на сериозно насилство меѓу младите.

Би можело да ве интересира

Рането момче е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје

Се судрија автомобил, мопед и тротинет во скопски Чаир

А1он

Момче изврши обљуба врз девојче во Скопје

Ѓорѓиевски: Чаир ќе добие нов лик, ќе го решиме сообраќајниот хаос и ќе инвестираме во јавната хигиена

Мицкоски: Неформалната коалиција на Венко, Али и Димче има само една цел, да дојде на власт по било која цена

Трајановски : Монтажни катни гаражи, уредени паркови и градинки со зголемен капацитет се проектите за реален напредок на Чаир