Индекс – Загреб
Пишаниот збор помни и пренесува неброени битки и војни, кои на ваков или онаков начин влијаеле на судбината на светот.
Но, ниту една од нив немаше да биде толку значајна, ниту интензивна, ако не беа оружјата што луѓето притоа го користеле.
„Лајв Сајнс“ ги избра најзначајните оружја, чија употреба го промени текот на човечката историја.
Лакот и стрелата
Најраните откритија на ова оружје датираат дури од пред 60.000 години, одамна пред воспоставување на модерната цивилизација.
Тие ги револуционизирале војувањата, овозможиле напад на непријателот од далечина, оставајќи го напаѓачот на сигурно растојание.
Во рацете на највештите стрелци, лакот и стрелата го земале крвавиот данок меѓу непријателот и придонеле за важни победи, каква што на пример била англиската победа во битката кај Креси во 1346 година.
Коњаница
Силниот коњски грб носел многу витези во рашавачки битки. Благодарение на коњите, Александар Македонски го покорил целиот познат свет, а итрите монголски орди дојавале како ветер се до Јадранот, поставувајќи ги темелите на едно од најголемите царства кое човечкиот род некогаш го видел.
Исклучителната мобилност на трупите кои користеле коњи, ги направила имуни на речиси секоја одбранбена формација, па дури подоцнежната појава на копјата делумно ја анулирала нивната ефективност.
Едреници
Употребата на бродови со едра овозможило брзо префрлување на трупите и резервите преку морињата во далечните земји каде се водела војна, драстично намалувајќи го времето и цената на транспортот.
Посебно дизајнирани бродови биле испраќани во борба со непријателот, често остварувајќи резултати кои имале директно влијание на настаните на копно; всушност, токму настаните на море ги ставале темелите на настани од пресудна важност за иднината на цели цивилизации: грчката морнарица во битката кај Саламис ја победила персиската флота, спречувајќи нивно идно напредување на запад.
Од друга страна, губењето на монголските бродови во бура ги спречило да стигнат до Јапонија и да го прошират своето царство на островите кои денес ги знаеме како Земја на изгрејсонцето.
Воена инженерија
Околу многу средновековни градови се граделе високи, дебели ѕидини. Покрај нив чести биле и други барикади, како што се подвижни мостови и слични одбранбени форми, чија цел била да се спречи влез на непријателот во населбите.
За да се надминат таквите препреки се копале тунели и се граделе катапулти и други опсадни оружја. За развој на тие средства заслужни биле воените инженери, чија важност во текот на своите војни први ја осознале старите Римјани.
Тие исто така ги основале и славните римски патишта, од кои многу се преживеани до денешни денови.
Барутот
Ретко кое оружје донело толку голема промена во војувањата како што бил барутот. Со него биле уривани до тогаш непробојните градски ѕидови, а оклопите на витезите станале некорисни.
Артилеријата, посебната воена гранка која се развила токму благодарение на барутот, му овозможила на Наполеон за кратко време да стане владетел на цела Европа, додека топовите им нанесувале страшни загуби на непријателските пешадиски формации, кои во битки тргнувале наредени во традиционална линија.
Мотор со внатрешно согорување
Употребата на моторизираните возила на ист начин направило револуција во војувањето, како што претходно тоа го сторила употребата на коњаницата.
Благодарение на овој изум, на фронтовите стигнале тенкови, авиони, подморници, хеликоптери и роботи, што резултирало со краткотрајни, но исклучително интензивни војни, какви што се водат и денес.
Радио
Благодарение на употребата на радиото, може да се има контрола над голем број трупи и во секој момент да се насочува нивното движење. Со радиото многу е олеснета контролата на непријателот, а преку преносот на пропагандни пораки се покажало и како исклучително значајно оружје за кревање на моралот меѓу населението.
Откритието на радиото директно резултирало и со откривање на радарот, клучен компонент во одбраната на Обединетото Кралство во текот на Битката за Британија. Ако тогаш Хитлер стигнал на островот, историјата денес би изгледала сосема поинаку.
Нуклеарно оружје
Употребено само двапати во три дена, нуклеарното оружје останува најстрашно воено средство кое човекот некогаш го измислил.
Денес го поседуваат релативно голем број на земји, но ниту една од нив не се осудува да го искористи; стравот од повратниот удар е преголем дури и кај најагресивните држави кои го имаат во својот арсенал.