Кошаркарите на македонскиот прволигаш Куманово се пласираа во финалето на БИБЛ лигата откако вечерва на домашен терен во реванш полуфиналето го победија тимот на Пеќ со 86:80 (18:25; 19:19; 24:21 и 25:15) и со тоа ја анулираа предноста на ривалот од првиот дуел од четири поени (83:79).
Кошот (двојка) за пласман во финалето го постигна Стефан Живановиќ на три секунди пред крајот.
Гостите од Косово во првиот дел имаа и двоцифрена предност, а на полувремето беше 44:37 за Пеќ. Со подобрата и поефикасна игра во вториот дел кумановчани стигнаа до потребната победа поголема од четири поени.
Најефикасен кај Куманово беше капитенот Марјан Јанески со 21 поен, а имаше и шест скокови, додека Јонел Браун постигна 20 поени. Димитар Караџовски беше на чекор до „дабл-дабл“ со 11 поени и девет скокови.
Во финалето Куманово ќе игра против екипата на Берое од Бугарија, која во полуфиналето беше поуспешна од Теодо од Црна Гора.