Пратеници од грчката владејачка партија СИРИЗА побараа од премиерот Алексис Ципрас кратење на пратеничките привилегии поради кризата, јавуваат атинските медиуми.
Во своето писмо до Ципрас, 11 пратеници предлагаат конкретни мерки за ограничување на пратеничките привилегии.
Пратениците пред се бараат намалување за 50 отсто на пратеничките пензии и пензиите на поранешните министри, доколку тие имаат и други приходи, кои надминуваат 1.500 евра месечно.
Тие исто така бараат укинување на месечното обесштетување на пратениците, воведување данок за пратениците со ставки, кои важат за сите други граѓани, ограничување на бројот на полицајците ангажирани за обезбедување на актуелни и поранешни пратеници и политичари и ограничување на пратеничките автомобили.