Во Кавадарци денеска беше пуштен во употреба фитнес центар на отворено, во рамки на спортската сала „Јасмин“. Се работи за главен проект на кавадаречкиот ротари клуб, заедно со партерно уредување.
– Овде има седум справи за вежбање. Целата инвестиција изнесуваше некаде околу триста илјади денари. Целта беше да се создадат услови за големиот број спортски и рекреативци да го искористат благодетот на спортскиот центар во Кавадарци, изјави Јордан Николов, претседател на минатата ротаријанска година.
Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци ја обезбеди комуналната опрема, а се погрижи и за изградба на фонтана.
– Со нашата донација сакаме да покренеме иницијатива и кај други здруженија, организации, фирми и физички лица со свои лични донации, дополнително да го облагородат овој простор, рече Николов. Апелираше до корисниците на фитнес центарот за домаќинско одржување поради негово подолго користење.
Претседателот на оваа ротаријанска година Бранко Колев информира дека следуваат уште два проекта, реновирање на фолклорната сала во кавадаречкиот Дом на култура во вредност од околу триста илјади денари и реновирање на детското одделение во Здравствениот дом Кавадарци, кое чини исто толку пари. Првиот е веќе во завршна фаза, а ќе се почне со реализација и на вториот проект. Парите се од членарина и донации во ротари клубот.