Ѓорге Иванов нема да се сретне со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, информираат од неговиот кабинет.
Од таму велат дека Иванов, кој вчера престојуваше во работна посета на Унгарија, во Македонија ќе се врател доцна вечер, при што немал можност за средба со еврокомесарот Хан.
Дека Иванов во својата агенда не планирал средба со еврокомесарот Хан и со тројцата европратеници уште во петокот му било соопштено на амбасадарот Самуел Жбогар, велат од кабинетот.
– Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.
Со оглед на тоа дека претседателот нема да оствари средба со еврокомесарот Хан, од кабинетот велат дека претседателот Иванов предвидениот термин им го отстапува на претставниците од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан. Добро е еврокомесарот да се запознае со аргументите и причините поради кои македонските граѓани протестираат повеќе од дваесетина дена, велат од кабинетот на Иванов.