Технолошките компании стануваат се помоќни и повлијателни во светот и во политиката, а некои од нив се помоќни и од многу држави, па Данска одлучи дека е време така и да бидат третирани.
Министерот за надворешни работи на Данска, Андерс Самуелсен смета дека е неопходно воспоставување на посебни канали за комуникација со компаниите кои што се финансиски појаки од некои држави и дека директните врски се важни за остварувањето на меѓусебна корист.
Премиерот Ларс Локе Расмусен објави дека ќе именува нов дигитален амбасадор за комуникација со некои од најголемите светски технолошки компании, како што Мајкрософт, Епл и Гугл.
Данска е првата земја во светот која што се одлучува на ваков чекор. Се уште не е познато кој ќе биде првиот дигитален амбасадор, но сигурно е дека оваа улога нема да биде само симболична, истакна министерот за надворешни работи Самуелсен во интервју за Вашингтон пост.