По повод 10 години од програмата „Форуми во заедницата“ којашто во Македонија започна да се спроведува во 2006 година денеска во Скопје ќе се одржи завршна конференција која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), во стратешко партнерство со Заедницата на единиците за локална самоуправа (ЗЕЛС).
На Конференцијата предвидено е да се обратат министерката за локална самоуправа Ширет Елези, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада, како и претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски.
Програмата „Форуми во заедницата“ е модел за вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки од локалната самоуправа и има за цел да го поддржи процесот на децентрализација во Република Македонија. Граѓаните, на овој начин, имаат можност да го подобрат секојдневниот живот со сопствени идеи, а администрацијата да развие локално управување преку учество, одговорност и доверба.
Програмата, од 2006 година до денес, се спроведе во 59 општини во кои беа одржани 111 форумски процеси и спроведени 106 проекти утврдени како приоритети од граѓаните што ги финансираше SDC со ко-финансирање од општините. Речиси 60 општини ги изменија своите статути вклучувајќи го форумот како форма на донесување одлуки заедно со граѓаните.