Откако вчера раководството на регионалната Балканска кошаркарска лига (БИБЛ) реши да ја исфрла од понатамошното натпреварување екипата на Карпош Соколи, денеска македонскиот клуб одговори кон раководството на лигата.
Во прилог следи целото соопштението на КК Карпош Соколи.
– Раководството на БИБЛ-лигата работи на крајно нечесен начин и со главна цел да оствари што е можно поголема финансиска добивка на сметка на клубовите што учествуваат. На вакво нешто и претходно се сомневавме, но сега се уверивме според начинот на кој „големците“ во Балканската лига постапија во случајот со Карпош Соколи правејќи вистинска „каша-попара“ низ актите на лигата за да дојдат до посакуваната цел – да ги украдат нашите пари, се наведува во соопштението на КК Карпош Соколи.
Како поинаку да се сфатат нивните последни одлуки на штета на нашиот клуб, со кои ретроактивно сме казнети ригорозно за нешто што претходно ни била изречена опомена или, пак, драстично помала парична санкција. Така на пример, сега добивме казна од 5.000 евра за грешка направена на натпревар одигран пред речиси еден месец, по кој за истата работа бевме санкционирани со само 200 евра. Исто така, бевме информирани дека треба да платиме две казни од по 1.500 евра за наводно неисполнување на критериумите за рекламирање на БИБЛ-лигата на двете средби кои во октомври односно ноември минатата година ги одигравме во СРЦ „Кале“ поради зафатеноста на нашата матична сала. Смешното во оваа ситуација е што ваквата промена беше направена со одобрување на раководството на ова натпреварување, кое тогаш покажа разбирање за нашиот проблем со термините во салата „Борис Трајковски“.
Со донесувањето на овие три ретроативни одлуки, челниците на балканското натпреварување го покажаа вистинското лице, а тоа е желбата да ни ги украдат парите кои ги имавме депонирано пред почетокот на лигата. Смислено беа бирани сумите на казните за да се дојде до вкупна бројка од 12.000 евра, колку што беше нашиот депозит, за потоа да нѐ известат дека треба да платиме дополнителни 6.000 евра за да продолжиме да играме. Нормално, знаејќи го начинот на работа на луѓето во БИБЛ, не го сторивме тоа не сакајќи да продолжиме да ги полниме нивните џебови.
Последните одлуки и не нѐ изненадија премногу, знаејќи ги претходните искуства на македонски тимови кои играа(т) во ова натпреварување. Јавна тајна е дека речиси ниту еден од учесниците, барем не од нашата држава (Торус, Работнички…), не ги добил назад парите дадени како депозит, иако ниту од далеку не направиле прекршоци со кои тие би имале оправдание да им ги земат. Ако на ова се додаде долгот од стотина илјади евра кон судиите и делегатите, меѓу кои има и голем број од Македонија, тогаш е јасно зошто почнуваме да изразуваме сомнеж дали луѓето од БИБЛ воопшто имаат чесни и спортски намери при организацијата на ова натпреварување.
Луѓето кои го предводат Карпош Соколи се спортски ентузијасти кои држат до своето реноме, поради што бираат со кого соработуваат, нормално откако ќе го видат вистинското лице на луѓето. И, ако се земе в предвид сето ова што ни се случува нам, но и на другите (Куманово беше во слична ситуација минатата сезона), тогаш станува појасна одлуката на федерациите на Србија, Хрватска, БиХ и Романија повеќе да не партиципираат во БИБЛ-лигата, иако во минатото беа дел од неа. Поради тоа е и нашиот апел до Македонската кошаркарска федерација (МКФ) да биде иницијатор за формирање нова Балканска Кошаркарска Лига (БКЛ), која ќе биде регуларно организирана и признаена од ФИБА како меѓународно натпреварување, кое ќе работи без финансиски малверзации и кое реално ќе придонесе за развој на кошарката во регионот.
На крајот, изразуваме надеж дека луѓето кои сега ја предводат Балканската лига ќе имаат барем малку доблест и со парите што ги украдоа од КК Карпош Соколи ќе вратат барем дел од големиот долг кој го имаат кон македонските судии и делегати. Тие се докажани професионалци кои воопшто не заслужуваат ваков однос, се наведува во соопштението на КК Карпош Соколи.