Основниот суд Скопје 1 – Скопје денешното однесување на обвинителките од Специјалното јавно обвинителство на рочиштето за насилствата пред општина Центар го оцени како незапаметено непочитување кон судот и судската власт во историјата на Судот и најави дека предметот целосно ќе го достави до Советот на Јавни обвинители и ќе побара од него да се произнесе.
– Во досегашното 72-годишно постоење на Основниот суд Скопје 1 – Скопје не се памети вакво однесување и непочитување на Јавен обвинител во судница, како кон судот, судската власт, така и кон судијата кој ја води постапката како што присутните можеа да го видат на денешното судење по предметот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на коминукациите (СЈО) против 14 обвинети лица за кривичното дело „Насилство“, се вели во денешното соопштение од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.
Оттаму потенцираат дека како суд, заради транспaрентно информирање на граѓаните, но и заради јавниот интерес, се должни да кажат дека со денешниот однос, јавните обвинителки од посоченото обвинителство, Катица Јанева и Фатиме Фетаи во присуство на јавност во судницата покажале каков е нивниот однос кон судската власт во државата, „однесувајќи се дрско, крајно непрофесионално, злупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавно обвинителска етика“.
– Судечкиот судија мирно и достоинствено како што доликува на вршител на судската власт, на записник го нотираше секој збор и навреда упатена кон неа лично како судија и судот пред кој се води постапката, при што за ваквото однесување повеќе пати ги опомена јавните обвинителки, како странка во постапката, да се воздржат од навреди и да постапуваат во рамките на професионалната етика. Но, и покрај опoмените не престанаа да навлегуваат во збор на судијата, да го навредуваат, а со тоа да го нарушуваат редот во судницата и да не дозволат судијата непречено и сконцентрирано да слуша што се зборува во судницата и да го води записникот кој меѓу другото се доставува и до самите обвинители, појаснуваат од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.
Но, тоа, додаваат оттаму, не било доволно да се спречи очигледната намера на обвинителките, кои и покрај тоа што немало услови да се одржи рочиштето поради неприсуство на неколку обвинети, како што велат од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, да ја исполнат нивната цел денеска како што и самите изјавиле да одглумат некаква улога, а истото дрско го препорачале и на судијата да учи од нив како се глуми и да одглуми непристрасен судија.
Од сите овие причини судечкиот судија, согласно член 7 од Законот за СЈО, а во врска со член 361 од ЗКП, Судот донел одлука предметот целосно да го достави до Советот на Јавни обвинители како единствено тело надлежно да се произнесе околу однесувањето на јавните обвинители од ова обвинителство.
– Како суд должни сме да го задржиме нивото на професионално и законито постапување како што е предвидено во Уставот и законите на Република Македонија и ја повикуваме јавноста будно да гo следи ваквото однесување на СЈО и константните напади и испади кон судската власт, а исто така, како и до сега, сме транспарентни во однос на непосредно следење на судските процеси, како и нивна контрола, како од јавноста така и од сите надлежни државни институции меѓу кои Судски совет, Совет на Јавни обвинители, Здружение на судии, меѓународните претставници во земјата со цел да се уверат во упатените навреди и закани за кривично гонење на судии, од страна на ова обвинителство, што претставува атак врз судскиот систем на Република Македонија, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.