Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска имаше работна средба со претставници на Пинг-понгарската федерација на Македонија на која беа презентирани новите мерки за развој на спортот и даночните поттикнувања во спортот во државата.
Спасески, информираат од неговиот Кабинет, истакна дека Агенцијата за млади и спорт во периодот што измина посветено работеше во делот на имплементација на новите мерки за развој на спортот и даночните поттикнувања во спортот и дека пинг-понгарскиот спорт, како и останатите спортови во Македонија ќе имаат законска можност да ги почувствуваат новите реформски освежувања кои ќе донесат развој на целокупниот македонски спорт.
Тој нагласи дека Агенцијата за млади и спорт дава финансиска и логистичка поддршка на Пинг-понгарската федерација на Македонија во насока на развој на пинг-понг спортот во Македонија.
Претставниците на Пинг-понгарската федерација на Македонија се заблагодарија за целокупната поддршка што им ја дава Агенцијата за млади и спорт и ги презентираа идните планови за развој на пинг-понгарскиот спорт во Македонија, додавајќи дека во наредниот период ќе се посветат во работата со младите категории во насока на поголема масовност и промоција на пинг-понгот меѓу младите.