Организацијата на жени „Визија“ од Кавадарци денеска одржа трибина во рамки на проектот „Локална активна платформа за социјална инклузија“.
Претседателката на „Визија“ Јоана Коцева појасни дека се идентификуваат проблемите на ранливите категории на граѓани.
– Локалната платформа се однесува токму на таа категорија луѓе. Тука влегуваат Советот на млади, Советот на жени, жени жртви на семејно насилство, приматели на дрога, жени од село и слично, изјави Коцева.
Таа најави дека со оваа група луѓе ќе се работи до крајот на март и оти ќе следуваат уште работилници.
– На тие работилници ќе се извлечат проблемите на луѓето кои се наша целна група. По идентификацијата на проблемите, ќе направиме предлог акциски план и меморандум за локална активна платформа, кои потоа и ќе ги реализираме, нагласи Коцева. Додаде дека ќе има и мониторинг на извршувањето на самата платформа.
Во оваа активност вклучени се и претставници на општината, здруженија на граѓани, земјоделци, институции… Се работи за проект финансиран од ЕУ, а негови имплементатори се Македонското женско лоби и Институтот Охрид, кој се однесува за економски стратегии и меѓународни односи. Во проектот се вклучени 18 локални здруженија, меѓу кои и кавадаречката Организација на жени.