Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска ќе го промовира механизмот за мирно решавање на работните спорови, по вонсудски пат, со помош на помирувaч, односно арбитер.
Целта на настанот е да се информира пошироката јавност дека со воспоставениот механизам за успешно надминување на колективните или индивидуалните работни спорови се создава поголема законска сигурност и ефикасни процедури кои се од интерес на сите засегнати страни.
Законот за мирно решавање на работните спорови стапи на сила во 2015 година, а сега, смета КСС, се создадени и условите за негово ефективно применување. Постапката на мирно решавање работни спорови е доброволна, им помага на страните во спорот на полесен, побрз и финансиски поисплатлив начин да дојдат до компромис, односно до решение за одреден проблем.