Во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК), денеска средба остварија претседателот на МОК, Васил Тупурковски и претседателот на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), Бетим Вренези. Се разговараше за унапредувањето на борењето, едукација на тренери по борење, развојот на младинското и сениорското борење, како и развојот на борењето во женска конкуренција.
Исто така, тема на разговор беше и договорот односно соработката со претседателот на УВВ (Обединето светско борење), Ненад Лаловиќ и претседателот на Европската федерација во борење (УВВ-Европа), Цено Ценов во однос на унапредување на борењето во Македонија. Беше договорено, веќе следната недела, МОК и ФБСМ заеднички да организират камп за пионери и младинци, потенцијални кандидати за учество на следните младински Олимписки игри 2018 како и на летните Олимписки игри Токио 2020.
На крајот на средбата, претседателот на ФБСМ, Бетим Вренези, му се заблагодари на Васил Тупурковски и на Олимписката институција која ја води, за големата подршка која ја даваат на борењето и на нашите најдобри борачи.