Неопходно е што поскоро да се формира влада и да се надмине политичката криза во Република Македонија, констатирале на денешната средба претседателот Ѓорге Иванов и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, двајцата соговорници размениле мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија и можностите за што поскоро разрешување на политичката криза.
– Надминувањето на политичката криза е од клучно значење за Република Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварување на евроинтеграциски цели, истакнал Иванов.
На средбата била потенцирана неопходноста од што поскоро формирање на влада на Република Македонија, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици.
Во контекст на актуелната состојба, претседателот Иванов изразил незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји.
Еврокомесарот Хан го запознал претседателот Иванов за средбите со лидерите на политичките партии и изнесените ставови, и истакнал дека новата влада треба да биде доследна на европската перспектива и фокусирана на европската иднина на земјата.
Иванов уште еднаш укажал дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Република Македонија и побарал поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан. Комесарот Хан истакнал дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите и за таа цел е потребно формирање на влада посветена на европските интеграции.
Македонскиот претседател на средбата со Хан нагласил дека како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамки на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Воедно, претседателот посочил дека очекува од новата влада да има два клучни приоритета: прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија, се наведува во соопштението.