Сообраќајот на граничниот премин Евзони, на македонско-грчката граница од попладнево е во прекин во двата правца и за патнички и за моторни возила. Границата може да се помине само пеш.
Од 16 и 30 часот е поставена блокада од трактори од страна на грчките земјоделци на преминот Евзони. Засега нема информација до кога ќе трае штрајкот на земјоделците.
Македонските гранични служби се во постојан контакт со грчките колеги, но и од таму нема информација кога ќе заврши блокадата бидејќи грчкиот Синдикат на земјоделците се уште не се изјаснил.
Дел од возилата кои се затекнаа на граничниот премин од македонска страна чекаат да ја минат границата, а некои се враќаат или се упатуваат кон граничниот премин Дојран, од каде може да влезат во Грција.
За влез во Грција возачите можат да го користат и граничниот премин Меџитлија.