Собранието го добива новиот изглед

Од:

Зградата на Собранието на Република Македонија добива нов изглед со поставувањето на големата и двете мали куполи. Малите куполи се наоѓаат во делот на надградбата од Собранието, која ќе има 88 работни простории и шест сали за комисии. Две сали што се наоѓаат на ќошињата на предната фасада на Собранието се покриени со малите куполи, кои се со дијаметар од шест метри и висина од три метри.

Во средината на Собранието се работи на доградба на која што се надоврзува големата сала од шестотини метри квадратни и таа е покриена со големата купола со дијаметар од 32 метри и висина од десет метри.

Стаклото на двете мали куполи е комплетно поставено, а на големата купола веќе 90 отсто од стаклата се поставени, останатите се фаза на поставување.

– Големата купола се работи од два вида на стакла. Во долна зона имаме потемно стакло, во горна зона е посветло и нивното спојување ја формира буквата „М“ на три места. Проектите за ентериерното уредување на салите се работат и на малите сали и на големата сала, изјави за МИА собранискиот архитект Билјана Ивановска.

Малите куполи и челичната конструкција се изработени од македонската фирма „Факом“. Стаклата се од фирмата „Ланик“ од Шпанија. За големата купола, челичната конструкција и стаклата се од шпанската „Ланик“.

Стаклото на куполите се поставува во вид на триаголници. – Тоа се посебни сендвич ѕидови од стакла и се со два вида стакла од внатрешна и од надворешна страна исполнети со аргон и со сите оние карактеристики потребни за издржливост, за непропустливост, за одбивање на сонце… појаснува Ивановска.

Првата сала под малата купола што гледа десно на главниот собраниски влез наскоро ќе биде ставена во функција.

– Некаде пред летото очекувам таа сала да биде готова, за разлика од другата мала и големата кои најверојатно наесен со целиот објект би биле завршени, рече Ивановска.

Ивановска вели дека надградбата, доградбата, зајакнувањето и адаптацијата на објектот на Собранието се одвиваат според планираното и оти се завршени околу 70 отсто од работите.

– Сега се работи од главниот влез до Струшката сала и делот на ресторанот. За следната година ни останува уште делот покрај улицата „Даме Груев“, рече таа.

Во периодот кога Собранието нема да работи поради локалните избори во март ќе се работи на зајакнувањето околу влезот наречен „Винар“ од страна на улицата „Даме Груев“, бидејќи тука се наоѓа и главниот влез за парламентарната сала.

– Во тие два месеци кога нема да има седници на Собрание ќе интензивираме работата овде за да може по локалните избори Собранието да работи нормално. Работата на Собранието никогаш не беше прекината поради градбата и ниту една седница нема да биде одложена поради изведување на градежните работи, вели Ивановска.

Реконструкцијата на објектот на Собранието започна во април 2012, а се планира да заврши во ноември следната година. Со проектот се предвидува изведување на нови 3.900 метри квадратни и адаптирање на 840. Изведувач на работите е градежната фирма „Бетон“ АД Скопје.

Би можело да ве интересира

Петмина ќе одговараат за перење пари за спомениците за Скопје 2014

A1on

СДСМ: Мицкоски е опкружен со криминалци и води криминална партија, да поднесе оставка

СДСМ: Феникс го потврди ултра криминалот на ДПМНЕ во Скопје 2014

Предраг Петровиќ

Костовски: Мицкоски да поднесе оставка за докажаниот криминал во Скопје 2014 на ДПМНЕ

СДСМ: Со години ДПМНЕ переле пари преку Скопје 2014 врз грбот на народот

Куќен притвор за Владимир Тодоровиќ

Катерина Ѓуровски