Благодарение на поволната хидрологија и подготвеноста на електромашинската опрема, хидроелектраните „Шпилје“ и „Глобочица“, кои го сочинуваат Хидроенергетскиот слив (ХЕС) „Црн Дрим“, годинава ќе прокнижат уште еден рекорден производствен резултат.
Турбините на двата значајни електроенергетски објкета во поголемиот период од годинава работеле под полн капацитет и до средината на овој месец произвеле 565 милиони киловат часови елекрична енергија, што е поголемо производство од планираното.
– Во ХЕ „Шпилје“ произведени се 340 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува 29 отсто поголемо производство од планираното за тој период, но и 24 отсто поголемо производство од годишниот план. Во ХЕ „Глобочица“ произведени се 225 милиони киловат часови, што е за 18 отсто поголемо производство од годишниот план, птоврдија за МИА од ХЕС „Црн Дрим“.
Моментниот дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ е над 40 метри кубни во секунда и има резерва на вода за производство на околу 20 милиони киловат часови електрична енергија.
Дотекот во акумулацијата „Глобочица“ изнесува 30 метри кубни вода во секунда и располага со резерва за производство на 13 милиони киловат часови електрична енергија.
Од ХЕС „Црн Дрим“ очекуваат планираното производство за годинава да биде поголемо за околу 40 отсто.