Досегашниот генерален секретар на Обединети нации, Бан Ки-мун навести дека би можел да се кандидира за претседател на Јужна Кореја, пишуваат американските веснци.
Неговиот мандат формално истекува на 31 декември, по што тој од претходно има изјавено дека ќе се врати во Сеул.
На својата последна прес-конференција, како генерален секретар на ОН, Бан објасни дека по враќањето, ќе сака малку да се одмори, а потоа дека би сакал да и помогне на својата земја.
Редовните претседателски избори во Јужна Кореја се предвидени за декември 2017 година, но тие вонредно, би можеле да се одржат за два месеци, доколку се изгласа импичмент за актулениот претседател Парк Гуен Хуе.
Таа е обвинета за корупцискиот скандал што со месеци ја потресува политичката сцена на оваа далекуисточна земја, затоа што и помагала на својата блиска пријателка, да прави големи зделки со државни компании, користејќи ја блискоста со Парк.
Парламентот веќе изгласа отворање на постапката за импичмент со помош и на гласовите од владеачката партија на Парк.
Во тек е постапката пред Уставниот суд, кој во рок од 180 денови треба да пресуди дали ќе ја прифати одлуката на Парламентот.
Доколку биде потврден импичмент, Парк ќе биде првиот шеф на државата во 60-годишната историја на јужнокорејската демократија, што ќе биде тргнат од својата функција.
Навестувањето на Бан за кандидирање на претседателските избори, доаѓа во време кога осум недели по ред, Јужнокорејците одржуваат демонстрации во Сеул, во кои бараат заминување на Парк.