Американскиот претседател во заминување Барак Обама синоќа, во неговиот последен голем говор посветен на безбедносните прашања, предупреди дека САД нема да бидат во состојба да го уништат тероризмот со користење на нивната воена моќ.
При говорот кој го одржа во воздухопловната база Мекдил во Тампа на Флорида, Обама ги бранеше достигнувањата на неговата администрација на полето на националната безбедност, пренесе Танјуг.
Обама го изнесе тврдењето дека неговата администрација успеала да ја направи Ал Каеда „сенка на она што некогаш била“ и ја натерала ИД да отстапи, но дека тероризмот ќе остане закана за САД.
– Наместо лажни ветувања дека можеме да го елиминираме тероризмот со фрлање на уште повеќе бомби или со испраќање на се повеќе и повеќе трупи или со оградување од остатокот од светот, ние мораме долгорочно да ја согледаме терористичката закана и мораме да следиме паметна стратегија која е одржлива, порача Обама.