Северна Кореја денеска најави дека планира во периодот меѓу 10 и 22 декември да изврши ново тестирање на ракета со голем дострел, соопштија официјални претставници на севернокорејскиот Комитет за вселенска технологија.
Ова ќе биде второ по ред тестирање на ракета со голем дострел откако лидерската функција во Северна Кореја ја презеде Ким Џонг-ун.
Претставниците на Комитетот истакнуваат дека по неуспехот во април била извршена детална анализа, со која значително е зголемен ракетниот и сателитскиот капацитет на земјата.
Тестирањето на ракетата во Северна Кореја се врши во време додека се одржуваат парламентарни избори во Јужна Кореја, што може да предизвика тензии меѓу двете држави.
Официјален Сеул денеска го предупреди Пјонгјанг да се откаже од лансирањето на ракетата планирана за средината на овој месец, истакнувајќи дека ова е замаскирано тестирање и претставува провокација за меѓународната заедница.
– Обидот на Северна Кореја уште еднаш да лансира ракета со голем дострел е огромна провокација која ја игнорира загриженоста на меѓународната заедница и нејзините предупредувања, а претставува и директен предизвик за меѓународната заедница, се наведува во соопштението на јужнокорејското Министерство за надворешни работи.