Советот за безбедност на ОН денеска едногласно ги прошири санкциите за Северна Кореја, откако во септември земјата ја изврши петтата и досега најголемата нуклеарна проба, а со новите казнени мерки Пјонгјанг, по првпат, е ограничен со извоз на јаглен.
Резолуцијата за новите санкции е усвоена со 15 гласови „за“ и ниту еден против, на чело со САД, по тримесечните тешки преговори со Кина, една од членките на Советот која има право на вето.
Со новите санкции е проширена и „црната листа“ на Советот за безбедност, на која и се додадени уште 11 државјани на Северна Кореја, вклучително и поранешните амбасадори на земјата во Египет и Мјанмар, и 10 лица.
САД и другите постојани членки на Советот на ОН со право на вето – Русија, Кина, Велика Британија и Франција – преговараа за новите санкции како одговор на нуклеарната проба која Северна Кореја ја изведе на 9 септември.
Неименувани дипломати најавија во понеделникот дека новата резолуција првпат значително ќе го ограничи севернокорејскиот извоз на јаглен, намалувајќи го за најмалку 62 отсто – на 7,5 милиони тони, во вредност од околу 400 милиони долари.
Според податоците на „Глобал трејд атлас“, Кина оваа година увезла од Северна Кореја јаглен во вредност од околу милијарда долари, и покрај казнаниот режим кој претходно беше на сила.
Дипломатите најавија дека со нивите санкции ќе бидат опфатени и 11 владини претставници и 10 лица кои се поврзани со програмата на нуклеарно вооружената земја.