Колумбиската Влада и групата Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК) утре во Богота ќе потпишат нов мировен договор, со кој се става на крај на вооружениот конфликт кој трае повеќе од половина век.
Делегациите на Владата на Колумбија и на ФАРК прифатиле на 24 ноември во 11:00 часот (16 ч. По Гринич) во Богота да потпишат договор за завршување на конфликтот и постигнување одржлив мир, соопштија во заедничката изјава преговарачите од двете страни .
Тие нагласија дека потоа новиот договор ќе биде претставен пред колумбискиот парламент, со цел да биде одобрен.
Претходниот договор со ФАРК на референдум беше отфрлен од страна на Колумбијците .
Поранешниот колумбиски претседател Алваро Урибе одби да го поддржи новиот договор.
Урибе ја предводеше кампањата за поништување на претходниот договор, која доведе до негово отфрлање.
Според Урибе над 50-те промени во договорот ќе ја стават под закана демократијата во Колумбија, бидејќи со нив не се казнуваат доволно бунтовниците за злосторствата кои ги извршиле.