Владата на Колумбија и водството на левичарските бунтовници од групата ФАРК, постигнаа нов мировен договор, само шест недели откако првиот беше отфрлен од Колумбијците на референдум.
Договорот е постигнат во Хавана, каде што се одвиваа и четиригодишните преговори за завршување на полувекованата војна, пред постигнувањето на првиот договор.
Медијаторите на новите преговори меѓу владата во Богота и бунтовниците биле дипломати од Куба и Норвешка.
Новиот мировен договор ќе биде усвоен во колумбискиот Парламент, а не како претходниот преку референдумско изјаснување на Колумбијците.
Поранешниот претседател на Колумбија, Алваро Урибе, кој ја предводеше кампањата пред референдумот против мировниот договор, сега беше вклучен во преговорите со ФАРК.
Урибе и неговите приврзаници агитираа против првиот мировен договор, тврдејќи дека со него „премногу се фаворизираат левичарските бунтовници“.
Тие тврдеа дека е неправилно бунтовниците да останат неказнети, доколку го признаат кривичното дело што го извршиле како припадници на ФАРК, или да добиваат финанска поддршка за покренување бизнис, откако ќе го предадат оружјето.
Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос и покрај поразот на референдумот, ја доби Нобеловата награда за мир за завршување на војната со ФАРК.
Воените судири меѓу владните сили и бунтовниците почнаа уште во 1964 година, откако крајно левичарската организација ФАРК се одлучи на вооружена борба за соборување на власта во Колумбија и за воспоставување марксистички режим, по углед на кубанскиот.
Околу 260.000 лица загинаа или беа униени во 52 годишното војување, а неколку милиони Колумбијци беа раселени бегајќи од судирањата.