Хуавеи се здружи со компанијата Порше Дизајн и произведе нова верзија на својот најдобар смартфон Mate 9.
Се работи за ограничена верзија на смартфон кој чини 1.395 евра, а Хуавеипо тој повод објави соопштение.
„Porsche Design Huawei Mate 9 поседува заоблени рабови и најнова технологија, која ја следи интуитивен кориснички интерфејс. Уредот оддава софистицираност благодарение на дизајнерскиот јазик на Porsche Design. Функционалниот дизајн, иновативната изработка и најмодерната технологија донесуваат на купувачите врвно искуство, револуционерна брзина и долготрајна батерија” – се наведува во соопштението.
Новиот смартфон се разликува според изгледот, но и по спецификациите.
Поседува 256 GB интерна меморија и 6 GB RAM, што е значајно подобрување во однос на 64 GB интерна меморија и 4 GB RAM за стандардниот Mate 9. Екранот е намален од 5,9 на 5,5 инчи, додека резолуцијата е зголемена од 1920×1080 на 2560×1440 пиксели. Камерите останаа исти, како и батеријата од 4.000 mAh.
Продажбата почнува во јануари.