Ферхан Хасани капитенот на актуелниот победник на Купот на Македонија, Шкендија емотивно реагира, како што пишува самиот, на навредите кои тој и неговите клупски колеги од страна на навивачите на тетовската екипа популарните „Балисти“, а по поразот од Шкупи пред два дена.
Резултатската криза која ја зафати Шкендија и двата врзани порази од Вардар и Шкупи, ја однесе и првата „жртва“ па Бруно Акраповиќ беше сменет од тренерското место.
Ферхан Хасани, кој во јавно писмо им се обрати на навивачите посочи дека најмногу го погодиле пцовките од навивачите, кои до вчера го величеа како херој, а денес, по мала резултатска криза го плукаат.
– Ако јас сум проблемот во Шкендија, ќе си одам уште денес. Никогаш не мислев дека мојата уста ќе ги каже овие зборови, особено затоа што станува збор за клуб кој е во моето срце и мојата душа. Клуб во кој израснав и дадов се од себе и бев дел од најуспешните моменти во историјата. Тетово, Шкендија и нејзината публика секогаш биле најсветите работи за мене, покрај верата и семејството.
Кога станува збор за навреди на адреса на семејството, не можам да молчам. Жал ми е за ситуацијата во клубот, знам дека се ќе надминеме, но со големо жалење соопштувам дека овде не се вреднува ништо. Жал ми е, но во моето Тетово сите сакаат да се професионалци. Јас, кој дојдов овде и дадов се од себе да помогнам заслужив навреди? Од луѓе кои можеби не направиле ништо за овој клуб? Со купен билет од 100 денари (некои не ни плаќаат) добивате право да го пцуете моето семејство?
Иако имав други понуди јас решив да се вратам во Шкендија. Играв секогаш и секаде, без разлика на болката која ја чувствував. Сериозно сум погоден од сите навреди кои дојдоа на моја адреса. Ако проблемот е во мене, јас од денес не сум капитен на тимот“, пишува во своето обраќање македонскиот репрезентативец Хасани.
Хасани беше еден од лидерите на Шкендија во квалификациите на Лига Европа, каде тетовските црвено-црни оваа година остварија историски успех. Ако Хасани ги оствари зборовите во писмото и си замине, тоа сигурно ќе биде голем удар на амбициите на клубот, кои оваа година се шампионски.