Лидерот на Демократската партија на Албанците во Македонија Мендух Тачи по денешната средба со американскиот амбасадор Џес Бејли изјави дека заеднички став е дека изборите се првата, но главната точка, која што ќе демонстрира подготвеност на Македонија како држава во која се спроведуваат изборите.
Тачи средбата ја оцени како еден од најважните состаноци со американскиот амбасадор на која тие се фокусирале на изборниот процес.
– Констатиравме дека не се важни само институциите и индивидуалците, туку многу е важна политичката волја на сите субјекти кои ќе учествуваат во овој процес, рече Тачи.
Посочи дека ДПА гарантира дека ќе даде свој придонес изборите да бидат по стандардите и вредностите на меѓународниот фактор, односно коректни и демократски.
На новинарско прашање за изборната единица 6, Тачи рече дека тоа е голем проблем, етнички, но и меѓу партиите на Албанците, за што укажал и на лидерската средба.
– Главниот и одговорен виновник за оваа ситуација е ДУИ, која смета дека ако изборните единици бидат исти, тие автоматски ќе загубат два до три пратеници. Со совет на меѓународната заедница, не правев проблем да не одиме на избори, затоа што ќе бев алиби на некој што стварно не сака да имаме избори. Многу е важно, сите да разбереме дека кредибилни избори се една можност за политички опстанок на политички партии и индивидуалци, рече Тачи.
Посочи дека ДПА останува на првичниот став за ИЕ 6 и продолжува да ја оспорува, но не може да биде алиби на некој што сака да го оспори одржувањето на изборите.
Во однос на пратеничките листи на ДПА, најави дека тие многу брзо ќе бидат составени и објавени.
– Пратениците на ДПА демонстрираа една голема лојалност во овој мандат и не се продадоа на никакви понуди. Поминавме низ многу тежок период и како Држава и како ДПА. Нивната мисија со ова е завршена, што значи дека ќе има нови ликови. Ќе има нови кандидати, но ќе има и кандидати кои што се моментално поради континуитет во работата на парламентарната група, рече Тачи.
Во однос на работата на СЈО, Тачи рече дека не сака да зборува, кога зборува правдата и дека политички оценки може да даде на крајот на процесот.