Специјалното јавно обвинителство (СЈО), со судска наредба, вчера (18 октомври) запленило документација од Министерството за култура за предмет поврзан со „Скопје 2014“, дознава БИРН.
Неофицијално, станува збор за документација за тендер вреден околу 1 милион евра за изградба на Музејот на македонската борба.
Овој музеј е еден од најголемите потфати на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за проектот „Скопје 2014“. Според склучените договори документирани во базата на податоци на БИРН, „Скопје 2014 под лупа“, изградбата на Музејот чини над 16 милиони евра, но, според бројот на склучени договори, тој е на првото место.
Базата на податоци покажува дека за изградбата на Музејот склучени се 123 договори со правни и со физички лица, меѓу кои има и голем број анекси, непредвидени и дополнителни работи и останати договори со физички лица кои од година во година ја зголемуваа цената.
Оттаму, не се исклучува токму еден од овие тендер да биде предмет на нова истрага. Станува збор за еден од многуте предистраги што СЈО ги води за најлускузниот проект на власта „Скопје 2014“, кој, според базата на податоци на БИРН, досега достигна 667 милиони евра.
СЈО за утре најави прес конференција на која ќе бидат објавени две нови истраги на специјалните обвинители.
Музејот на ВМРО го градеше „Бетон – Штип“, една од фирмите кои заработија најмногу од проектот „Скопје 2014“. Базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, покажува дека Бетон – Штип добила тендери во вредност од над 54 милиони евра, само од проектот на власта.
За Музејот на ВМРО оваа фирма склучила договори во вредност од над 6 милиони евра.
Доколку СЈО отвори истрага за сомнителниот тендер поврзан со „Скопје 2014“, тоа ќе биде првиот која дава сомнежи за сериозни прекршувања на законите при изградбата на луксузниот проект на власта „Скопје 2014“.
Досега беа правени ревизии, експертите го коментираа проектот, се отвораа сомнежи за наплатувани цени кои се повеќекратно повисоки од реалните и за сомнителни тендери, но ниту една институција досега не се зафати со пронаоѓање евентуални криминални дејства при градењето на новото, скапо и барокно Скопје.