Планерските куќи да го користат повеќе графичкиот регистар на градежно земјиште, кој Катастарот го пушти во употреба во април годинава, за да се постигне целосна примена на законот и да се унапреди процесот на планирање, бараат директорот на Катастарот Славче Трпески и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
За поголемо користење на информацискиот систем кој го поддржува урбанистичкото планирање во неговиот графички дел денеска претставници на Катастарот одржуваат обука за членовите на Комората на овластени геодети за Скопскиот плански регион, на иницијатива на град Скопје.
– Секојдневно во Катастарот се сочуваме со проблем што одделни планерски куќи воопшто не го користат системот. Имаме такви случаи, а урбанистичките планови се веќе закачени. Нема да помине урбанистички план ако не се испочитува законот. Регистарот на градежно земјиште е утврден со закон кој треба да се почитува. Целта е да имаме ефикасно планирање, рече Трпески на отворањето на обуката.
Според Трпески, во изминатите шест месеци во графичкиот регистар се внесени 478 плана со 10.670 парцели за периодот пред да се донесе новиот закон за просторно и урбанистичко планирање, а по неговото носење 310 плана 2.194 градежни парцели. – Секојдневно во Катастарот пристигнуваат нови урбанитички планови. Околу 50 проценти од плановите се поминати во регистарот веднаш без враќање, но тоа е мал процент, посочи Трпески.
Раководителот на одделението на урбанисти и планери на Комората на овластени геодети Жаклина Ангеловска истакна дека прифатиле соработка и учество на обуката за да се согледаат законските одредби кои, како што оцени, ја усложниле нивната тековна работа.
– Денешната обука е со цел да видиме како да си помогнеме и да се заштитиме, а бараме од законодавецот да ги спроведува и другите законски одредби, рече Ангеловска.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски истакна дека регистарот не се користи доволно, но оти обуката е добра можност за запознавање со неговите функционалности.
– Целта не е само да се направи проектот туку и да може да се изведе, потенцира Трајановски.
Покрај за Скопскиот плански регион, како што најави Трпески, ќе се одржат обуки и за останатите региони.
Со регистарот на градежно земјиште и системот е-урбанизам на ЗЕЛС, нагласи Трпески, Македонија е една од малкуте држави во светот каде постапката за носење на урбанистичките планови целосно се одвива по електронски пат. Со користењето на регистарот се постигнува транспарентност, точност и ефиканост во носењето на урбанистичките планови, како и целосна реализација на градежните парцели, брзо и ефикасно издавање на податоците на парцелите и развој на градежништото, оцени Трпески.