Б92 – Белград
„Кралот на кокаинот” бил сиромашен колумбиски фармер, но до 35-тата година станал најбогат човек на светот.
Наспроти скромните почетоци, Пабло Ескобар станал лидер на картелот Мелин, кој држел под контрола 80 отсто од светскиот пазар на кокаинот.
„Ел Патрон” неделно инкасирал околу 420 милиони долари, што го прави еден од најбогатите нарко дилери на сите времиња.
Иако точната проценка на неговото богатство е невозможна, поради природата на неговата „работа”, се проценува дека во текот на животот заработил околу 30 милијарди долари.
Ви претставуваме некои факти за неговото огромно богатство.
1. Кон средина на 80-те години на минатиот век картелот на Ескобар заработувал 420 милиони долари неделно, односно 22 милијарди долари годишно.
2. Ескобар бил на меѓународната листа на милијардери на магазинот „Форбс“ седум години по ред – од 1987 до 1993 година. Прогласен е за седми најбогат човек на светот во 1989 година.
3. До крајот на 80-те години на минатиот век држел 80 отсто од светскиот пазар на кокаин.
4. Шверцувал околу 15 тони кокаин во САД секој ден. Според пишувањето на новинарот Хуан Грило, картелот Меделин главно шверцувал кокаин преку Флорида.
– Тоа била рута долга околу 1.500 километри од северот на Колумбија до Флорида и била ширум отворена. Колумбијците и нивните американски соработници фрлале огромни количества на кокаин во морето, од каде со глисери или дури авиони ги префрлувале на Флорида, тврди Грило.
5. Со други зборови, четворица од пет Американци кои во тоа време „шмркале“ кокаин, добивале производи од „Ел Патрон”.
6. „Кралот на кокаинот” секој месец бележел и 2,1 милијарда долари загуби. Огромното богатство на Ескобар станало проблематично, кога повеќе не можел да го пере кешот доволно брзо. Почнал да закопува огромни количества на пари на колумбиските ниви, ги криел во магацини и во ѕидовите на куќите на членовите на картелот.
Според Роберто Ескобар, главен сметководител на картелот и брат на Пабло, тој толку многу заработувал, што секоја година отпишувале околу 10 отсто пари, бидејќи ги јаделе глувци или биле оштетени од влага.
7. Секој месец трошел околу 2.500 долари на ластичиња со кои ги врзувал парите.
8. Синот на Пабло, Хуан Пабло, кој подоцна го сменил името во Себастијан Марокин, во една прилика раскажувал дека неговиот татко запалил два милиона долари, за да се грејат неговите деца.
9. Го добил прекарот „Робин Худ” откако на сиромашните почнал да им дели пари и да гради куќи за бездомниците. Изградил и 70 јавни фудбалски игралишта и зоолошка градина.
10. Откако бил осуден на затвор, склучил договор со Колумбија казната да ја отслужи во луксузен затвор, кој самиот го изградил. Тој самиот го дизајнирал својот затвор кој го нарекол „Катедралата” и ги бирал затворениците кои тука ќе можеле да бидат со него. Исто така продолжил да ја извршува својата работа во картелот и да прима посети.
„Катедралата” била опремена со фудбалски терен, градина со скари, а во близина се наоѓала и вила во која живеело неговото семејство. На колумбиските власти не бил дозволен пристап на пет километри од затворот.