Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на македонската младинска фудбалска репрезентација по повод пласманот на Европското фудбалско првенство за фудбалери до 21 година.
На средбата претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, упати честитки до младите фудбалери, до тренерите и до претставниците на Фудбалската федерација за освоеното прво место во групата и истакна дека тој, како и целата македонска јавност, е горд на вчерашната победа над репрезентацијата на Шкотска и пласманот на претстојното европско првенство во Полска.
– Во годината кога славиме јубилеј, 25 години од нашата независност, вие ни ја донесовте најголемата радост. Вашиот успех покажа дека можеме да бидеме сите заедно, и сплотени и единствени да навиваме за Македонија. Ви благодарам на секој од вас за неговиот удел во оваа победа што ни ја приредивте, посебно за селекторот, за тренерите и за сите што инвестираа во вас. Ние веруваме во вас, порача македонскиот претседател.
Вчера на 11 Октомври – Денот на востанието, додаде, вие направивте фудбалско востание во Македонија. – Вие младите симболично покажавте за тоа што доаѓа и што допрва од вас ќе очекуваме, а тоа се нови подвизи и потфати, истакнал претседателот Иванов.
Според него, овие млади фудбалери се пресврт во фудбалот во независна Македонија и генерација на која допрва и претстојат забележителни резултати.
– Очекуваме ова што го почнавте, заедно да го продолжите и како генерација да бидете сплотени како што бевте на натпреварите. Заедно да се држите и да знаете дека целиот народ е со вас. Без разлика дали ние на стадионот сме Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци во вакви моменти – сите сме Македонија. Македонија со успех каков што вие го направивте вчера, им порача претседателот Иванов на младите фудбалери.
Селекторот на младинската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски се заблагодари за приемот од претседателот Иванов и рече дека со напорната работа ќе продолжат и во иднина.
– Вчерашната победа носи огромно задоволство, по една напорна работа и голем труд вложен во овие квалификации на овие момци, која се награди со пласман на Европско првенство. Тоа е огромно задоволство за мене како шеф на стручен штаб и мислам дека самите репрезентативци имаат чувство на задоволство што одиграа не само вчерашниот натпревар туку и сите квалификации на едно ниво, што мислам дека никој не очекуваше тука кај нас, а уште помалку Европа, рече Милевски.
Македонската репрезентација до 21 година го освои првото место во третата група и директно се пласираше на Европското првенство во фудбал, кое идното лето ќе се одржи во Полска.