Министерството за култура информира дека во тек се активностите за заштита на манастирот „Трескавец“ во Прилеп, кој е споменик на културата од 14 век.
Активностите ги извршуваат стручните служби на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, предвидени со програмата на Министерството за култура.
Црквата, трпезаријата и магерницата се најстарите и најавтентични градби зачувани во манастирскиот комплекс. По извршените истражувања во рамки на археологијата, архитектурата и ѕидното сликарство во црквата и трпезаријата, магерницата, стручните екипи ќе пристапат кон изработка на проект за нивна превентивна заштита.
Министерството за култура потсетува дека неодамна почнаа активностите за конзервација, реконструкција и реставрација на опожарените конаци на манастирот „Трескавец“. Заради побрза реализација на сите активности, беше изграден и патот до манастирот.
Манастирскиот комплекс „Трескавец“ е значаен културно-историски споменик изграден под Златоврв. Комплексот, кој е подигнат врз постаро култно место, го сочинуваат црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која е изградена врз темелите на ранохристијанска базилика, старата трпезарија, конаците со кулата, камбанаријата над влезот и други помошни згради.