СДСМ повторно е фатен во лага. Прочистувањето на избирачкиот список ја извади на виделина деструктивноста и безидејноста на СДСМ. Манипулациите на аболицираниот криминалец Зоран Заев за измислените 500.000 фантоми беа целосно разобличени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Методологијата која ја предложи самиот СДСМ покажа дека нема ниту 500.000, ниту 300.000 фантоми, туку се работи за обичен страв од соочување со граѓаните на избори и срамен обид да се најде некакво оправдување за да се пролонгира кризата и да се избега од изборите.
Методологијата покажа дека има само 39.000 спорни гласачи меѓу кои и сестрата на Радмила Шекеринска, Гордан Георгиев, Павле Трајанов, Мирјана Најчевска и голем број други личности за кои целокупната јавност знае дека не се фантоми.
Дел од овие лица ја искористија можноста да се пререгистрираат во евиденциите, но голем дел од нив, навредени од обидите на СДСМ да ги покријат сопствените лаги, одлучија да не одговорат на повикот на ДИК. Академик Зузана Топољинска, Мирјана Најчевска и голем број други јавни личности остануваат во конечниот број од 30-тина илјади кои заради СДСМ може да го изгубат уставно загарантираното право на глас.
ВМРО-ДПМНЕ никогаш не го спорело избирачкиот список. Фактот дека по прочистувањето на него се наоѓаат 1.770.736 граѓани со право на глас, непобитно докажува дека СДСМ го изгуби тлото под нозете и последниот аргумент со кој бегаше од изборите и ги оправдуваше поразите изминативе 10 години.
Последниот избирачки список е практично идентичен како оној од изборите во 2014, кога СДСМ загуби со приближно 200.000 гласови разлика. Разликата е толкава во текот на минатите 10 години заради тоа што народот ја препознава и поддржува конструктивната политика на ВМРО-ДПМНЕ базирана на програма и проекти и ја осудува деструктивната политика на СДСМ базирана на фабрикувани афери, лаги и продуцирање на кризи.
Затоа СДСМ на 11-ти декември ќе доживее уште еден пораз поголем од сите досегашни.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува и оние 30.000 граѓани кои ги пропуштија роковите дадени од ДИК, да ја искористат можноста да се пријават кога согласно законот Избирачкиот список повторно ќе биде ставен на јавен увид, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.