Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во вторник, 26.07.2016, е повикан во Специјалното јавно обвинителство.
Жерновски ќе даде исказ во врска со проектите во ДУП „Мал Ринг“. Се работи за централното градско подрачје, каде што се сместени спомениците и објектите од владиниот проект “Скопје 2014“.
Веднаш по доаѓањето на градоначалничката функција, по налог на Жерновски, изработени се два ревизорски извештаи. Врз основа на документи и докази, констатирани се низа неправилности и кршење на закони, неколкукратно поскапо платени споменици, криминални тендерски постапки. Целиот материјал и извештаите беа доставени во Јавното обвинителство пред три години.
Обвинителството побара дополнителни докази, што веднаш беше сторено од општина Центар.
Од тогаш, Јавното обвинителство молчи за овој предмет и не го процесуира, со што се спречува започнувањето на правната разврска. Градоначалникот Жерновски се надева дека со формирањето и работата на СЈО, конечно ќе се расчисти со криминалниот проект „Скопје 2014“.
За овој контроверзен проект, СЈО има оформено предмет.