„Во оваа влада на Христијан Мицкоски има повеќе бугарски пасоши отколку што можевме да замислиме досега. Значи, можеме веднаш на самиот почеток да заклучиме дека се работи за влада на лажни патриоти со бугарски пасоши. И тоа, пазете, тоа се претставници на Влада којашто наводно треба да го чува македонскиот национален идентитет токму од Бугарите, а имаме Влада и цела екипа којашто е преполна со бугарски државјани“ рече на денешната прес-конференција Андреј Жерновски – член на Извршниот одбор на СДСМ.
Вели „сите тие сега без проблем би можеле да се кандидираат на наредните парламентарни избори во Бугарија. Можеа и на овие избори да се кандидираат, затоа што поседуваат бугарски државјанства. Но, она на што мора да одговорат пред македонските граѓани е следното: чии интереси тие ги застапуваат? Македонски интереси или бугарски интереси? И така, една по една, сите предизборни лаги на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат на површина“.
„Прво, ако се сеќавате, да потсетиме, Мицкоски молеше, коленичеше да дојде на власт. Кажа дека ќе го поништи Преспанскиот договор, излажа за името дека ќе го врати. Потоа, се сеќавате, ќе организира измени за договорот со Бугарија, па ќе има нова преговарачка рамка и така натаму, лага до лага. Меѓутоа, сега дознавме дека заборавил на тие избори кога ја доби довербата да им каже на граѓаните дека кога гласаат за него и кога гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, всушност гласаат за бугарски државјани. Имаме чувство дека сите тие граѓани коишто се излажани сега имаат непријатно чувство и дека не би ја добил истата доверба кога повторно би одел на избори, а да знаат за што гласаат“ рече Жерновски.
