Шефот на полицијата во Минхен, Хубертус Андере изјави дека при претресот на станот на напаѓачот од трговскиот центар не се откриени докази за негова поврзаност со Исламска држава.
Напаѓачот живел заедно со своите родители во реонот Максфорштад.
Во меѓувреме, Обвинителството на Баварија соопшти дека напаѓачот се лекувал од депресија.
Напаѓачот, кој уби девет, а повреди 16 посетители во трговскиот центар „Олимпија“ во Минхен, според локалните медиуми, е Али Давид Сонболи. Согласно со германските закони за објавување лични податоци полицијата напаѓачот го именува како Давид С.
Напаѓачот имал двојно државјанство, германско и иранско, а предходно не бил заведен во полициските досиеа како престапник ниту како потенцијален член на терористички групи.
Според неговите соседи тој бил повлечено, срамежливо и многу мирно момче, кое ретко ги отпоздравувало своите соседи.
Во Минхен се доселил пред околу две години, а мотивите за неговиот напад за полицијата сеуште се целосно нејасни.