Како реакција на изјавата на министерот за здравство, Никола Тодоров, дека водата во Дојранско езеро е исправна, на социјалните мрежи се појави петиција со која се бара Тодоров самиот да се напие од водата во езерото за да докаже дека лабараториските резултати на Државниот санитарен инспекторат и на Институтот за јавно здравје се погрешни.
Во петицијата пишува:
„Според Државниот инспекторат, водата во Дојранското езеро е небезбедна за бањање.Според министерот за здравство, Никола Тодоров, водата е исправна.Инспекторатот има испитувања, Тодоров, пак, неговиот „чесен збор“.
Бидејќи делата се погласни од зборовите, бараме министерот да стави крај на дилемите на граѓаните и со свечено пиење чаша вода од Дојранското езеро да ни покаже дека ова лето безгрижно може да лудуваме во исправните води на дотичното езеро.
п.с ако не сака чаша вода, прифатливо е и повеќеминутно гњурење.“
Исто така, на министерот за здравство по неговата изјава му се замерува што наместо со своето семејство да летува во Дојран и да и покаже на јавноста дека навистина езерото не е опасно, викендите ги минува во Грција, на море.