Распитот на шестмината осомничени во случајот „Тортура“ на СЈО, денеска е одложен, на барање на осомничените, соопштува Кривичниот суд.
„Се одложува бидејќи истите побараа дополнително време за увид во предметот кој не им бил овозможен во обвинителството, а кој увид судија на претходна постапка согласно ЗКП го дозволува.Распитот по однос на предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост – Забрана за преземање на определни работни активности поврзана со кривичното дело, за шестмината осомничени, со решение на судија на претходна постапка, а по согласност на странките во постапката кои беа присутни на денешното сослушување, се презакажува за 14.07.2016 година, се вели во соопштението на Кривичен.
Случајот „Тортура“ кој го покрена Специјалното обвинителство се однесува на нечовечно постапување при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски.
Првоосомничен е поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, но тој не е дел од постапката бидејќи кога се отвори предметот за него важеше аболицијата од претседателот Иванов.
Второосомничен е Ивица Анчевски – Пуки, актуелен командант на единицата Алфи и уште петмина полициски службеници.
Против сите лица вработени во МВР побарана е предлог мерка на претпазливост, забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
СЈО образложи дека врз основа на доказниот материјал има основано сомнение дека првоосомничениот – директор на УБК, поради дискриминација врз основа на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени -полициските службеници во единицата Алфи, во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице – оштетениот Бошковски, да му предизвикаат душевно страдање. Петтемина полициски службеници, со наредба на командантот на Алфите, според извештајот на СЈО, при апсењето на Бошковски употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го и држејќи го за рацете.
Со ваквото постапување, според СЈО, осомничените му нанеле душевно страдање на Бошковски, директно му било понижено човековото достоинство и личноста и го дискриминирале врз политичка основа, што се докажува и од вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент.